Услови за користење на платформата за статистики за децата

1. Општи одредби

Добредојдовте на Платформата за статистики за децата (во натамошниот текст: Платформата), управувана и администрирана од Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: ДЗС).
Со пристапувањето и користењето на Платформата, корисникот потврдува дека е запознаен со овие Услови за користење и се согласува да ги почитува.
Платформата е наменета за јавноста, истражувачите, креаторите на политики, образовните институции, медиумите и сите други заинтересирани страни што имаат потреба од статистички информации што се однесуваат на децата.

2. Цел на Платформата

Платформата обезбедува пристап до официјални статистички податоци, графикони, табели и други информативни содржини поврзани со положбата и благосостојбата на децата во Република Северна Македонија.
Содржините се објавуваат со цел информирање, едукација, поддршка на научноистражувачката работа и донесување одлуки засновани на податоци.
Сите статистички податоци прикажани на Платформата се преземаат од базата на податоци МакСтат на Државниот завод за статистика и се обработуваат и презентираат на начин што овозможува полесно разбирање и користење на информациите што се однесуваат на децата и нивната благосостојба.

3. Права на детето и доверливост на податоците

Платформата е развиена со цел да придонесе за подобро разбирање на состојбите во кои се наоѓаат децата и за поддршка на политиките и активностите засновани на податоци во нивен најдобар интерес.
Државниот завод за статистика обезбедува сите податоци прикажани на Платформата да бидат во согласност со принципите на статистичка доверливост и заштитата на податоците утврдени со Законот за државната статистика и меѓународните статистички стандарди.
На Платформата се објавуваат исклучиво агрегирани статистички податоци кои не овозможуваат директна или индиректна идентификација на поединечни деца, домаќинства или други лица.
При подготовката и објавувањето на податоците се почитуваат принципите на заштита на правата на детето, недискриминација и најдобар интерес на детето.

4. Пристап и користење

Пристапот до Платформата е слободен и не бара регистрација или креирање кориснички профил.
Корисниците може да ги прегледуваат, пребаруваат и да ги преземаат достапните податоци, табели и визуелизации во согласност со овие Услови за користење.
Платформата не овозможува објавување коментари, поставување содржини, размена на пораки или друг вид интеракција од страна на корисниците.

5. Авторски права и повторна употреба

Содржините објавени на Платформата, вклучувајќи статистички податоци, табели, графикони, визуелизации и други информативни материјали, може да се користат, преземаат, репродуцираат и да се споделуваат, под услов јасно да се наведе изворот:
„Извор: Државен завод за статистика на Република Северна Македонија – МакСтат“.
Не е дозволено изменување, селективно претставување или користење на содржините на начин што може да доведе до погрешно толкување на статистичките податоци или да го наруши нивниот интегритет и значење.
Секое користење на содржините спротивно на овие услови, особено ненаведувањето на изворот, неовластеното изменување на содржините, нивното селективно или манипулативно претставување, како и користењето на начин што може да доведе до погрешно толкување на статистичките податоци, претставува повреда на овие Услови за користење. Државниот завод за статистика го задржува правото да преземе соодветни мерки за заштита на своите права и интереси во согласност со важечките прописи.

6. Точност и достапност на информациите

ДЗС вложува максимални напори за обезбедување точни, ажурни и доверливи статистички информации.
Сепак, ДЗС не гарантира дека сите информации ќе бидат постојано достапни, целосни или без технички грешки и го задржува правото во секое време да врши измени, дополнувања или ажурирања на содржините без претходно известување.
ДЗС може привремено да ја ограничи достапноста на Платформата поради техничко одржување, надградба на системот или други оправдани причини.

7. Ограничување на одговорноста

Користењето на Платформата е на сопствен ризик на корисникот.
ДЗС не сноси одговорност за каква било директна или индиректна штета, загуба на податоци, прекин на работа, пропуштена добивка или други последици што може да произлезат од користењето или неможноста за користење на Платформата и нејзините содржини.
ДЗС не одговара за одлуки, анализи, заклучоци или активности преземени врз основа на информациите објавени на Платформата.

8. Заштита на податоци

Платформата не бара регистрација, не овозможува креирање кориснички профили и не прибира лични податоци од корисниците.
Сите статистички податоци објавени на Платформата се прикажани во агрегирана форма и не овозможуваат идентификација на поединци.
Иако Платформата не прибира и не обработува лични податоци на корисниците, Државниот завод за статистика применува соодветни технички и организациски мерки за заштита на информациските системи, во согласност со Регулативата (ЕУ) 2016/679 (GDPR), Законот за заштитата на личните податоци и другите важечки прописи од областа на информациската безбедност.

9. Безбедност

Корисниците се должни Платформата да ја користат во согласност со важечките закони и прописи и да не преземаат активности кои може да ја нарушат нејзината функционалност, безбедност или достапност.
Не е дозволено користење автоматизирани средства или други механизми за неовластено преземање, изменување или нарушување на функционирањето на Платформата.

10. Измени на Условите за користење

ДЗС го задржува правото да ги измени овие Услови за користење во секое време.
Секоја измена ќе биде објавена на Платформата и ќе стапи во сила на денот на објавувањето.
Продолженото користење на Платформата по објавувањето на измените ќе се смета за прифаќање на ревидираните Услови за користење.

11. Контакт

За дополнителни информации во врска со Платформата, корисниците може да се обратат до Државниот завод за статистика преку официјалните контакти објавени на веб-страницата на ДЗС.

Е-пошта: info@stat.gov.mk
Веб-страница: www.stat.mk